На работа се враќаат хронично болните и родителите со мали деца

Од денеска се враќаат на работа родителите на децата до шест години, лицата кои користат продолжено породилно отсуство и дел од хронично болните лица.

Одлуката на Владата уследи откако пред две недели се отворија градинките и дневните центри за ран детски развој со соодветни протоколи за заштита од ковид-19.

Родителите реагираа дека дел од децата не се запишани во градинка, каде и нема слободни места, нема кој да ги чува и немаат доволно средства да платат негувателки.

Но, Владата остана на ставот дека е нелогично и беспредметно родителите да не одат на работа кога е обезбедена целосна грижа за децата во градинките.

„Со создавањето на услови за сместување на децата во претшколски установи – градинки и дневни центри за ран детски развој, создадовме простор од две недели, до 23 септември, за враќање на сите родители на своите работни места, односно со отворањето на градинките се изгуби смислата зошто родителите би останале дома кога градинките ги отворивме“, изјави синоќа министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Министерот за здравство Венко Филипче објаснува дека не се враќаат сите на работа сите хронично болни, туку лекар специјалист проценува кој ќе оди на работа, а кој не.

„Не само на кого му е влошена болеста, туку и пациент кој е во фаза на болеста и има тип на хронична дијагноза, со таква шифра, а треба да биде заштитен во следните шест месеци“, вели Филипче.

Според него, пациент кој  имал инфаркт на срце пред пет години, не може да се спореди со пациент кој имал инфаркт пред еден месец и треба да биде на боледување и дополнително заштитен.

Total
0
Shares
Поврзани објави