Македонецот кој во Велика Британија ја прими вакцината против ковид 19 се чувствува добро

Четириесет и тригодишен Македонец, татко на три деца и сопруг, кој работи како таксист во Велика Британија, е меѓу првите 500 луѓе што ја примиле Оксфорд вакцината против коронавирусот, која моментално е во третата, последна фаза од клиничката студија и која е голема надеж за лекување на заболените.

Борко Андреевски, уште во април доброволно се пријавил да ја прими оваа вакцина и тоа во најраната фаза од научното истражување за нејзината ефикасност и делотворност. Ги исполнувал сите услови за да се пријави, меѓу кои и тој да е негативен на Ковид 19 и никогаш претходно да не примил ниту една друга вакцина за друг тип на коронавируси. ,,Слободен печат” поразговара со Андреевски за тоа како се чувствува, како воопшто се вклучил во научното истражување во толку рана фаза и за мотивите на овој негов подвиг.

Искрено, сакав со нешто да помогнам. Во исто време се пријавив како доброволец во болница, но немаа потреба од тоа. Сакав што побрзо да се најде лек или вакцина и да завршиме со оваа болест. Но, пак излезе дека требало подолго време и многу животи се загубија. Искрено се надевам дека што побрзо ќе биде и вакцината, вели Андреевски, кој дваесет години живее и работи во Велика Британија.

На почетокот, неговото семејство било малку во шок, но подоцна сите го поддржале во идејата.

Му верувам на Оксфорд. Ми кажаа дека е безбедна и верувам во тоа. Всушност, тие бараа здрави личности на возраст од 18 до 55 години. Јас не бев носител на вирусот и поради тоа се пријавив, ги исполнував критериумите. Пред да ја примам вакцината неколку денови претходно, имав и медицински преглед и тој се одвиваше за сите нас што сме дел од студијата како доброволци. Една недела подоцна, ја примив и вакцината, објаснува Андреевски.

Потоа следувале неколку прегледи на секои 28 дена, па на три месеци од вакцинацијата, а последниот преглед за хуманиот Македонец во Велика Британија ќе биде во ноември, шест месеци по вакцинацијата. И покрај тоа што е вакциниран, тој сепак ги одржува мерките за заштита од коронавирусот, носи маска, одржува дистанца бидејќи не сака да ризикува ни најмала прилика за трансмисија поради тоа што работи со голем број луѓе кои ги превезува со такси. За доброволното учество ниту еден од испитаниците не добиле никаква материјална надомест.

Сега на многумина вакцината им изгледа како добра идеја, но на почетокот луѓето беа многу претпазливи. Препораката е и за мене, како и за другите, да се одржува дистанца, бидејќи ова се тестови и уште не е стопроцентно сигурно дали вакцината е стопроцентно ефективна. Јас искрено се надевам дека е ефективна, но конечни сознанија за тоа ќе имаме во ноември. Јас живеам и работам како таксист во Оксфорд веќе 20 години и може да се каже дека секогаш сум во тек со она што се случува и така разбрав за вакцината. Кога слушнав, без размислување сакав да сум меѓу првите што ќе ја примат, додава нашиот соговорник.

Запрашан дали неговиот организам има создадено антитела против Ковид 19, Андреевски вели дека одговорот на тоа прашање ќе го иам во ноември.

Откако се вакцинирав немам буквално никакви последици. Но, дали имам антитела не знам зашто сепак сум дел од научно истражување и сите информации се сопственост на Оксфорд. Но, во ноември ќе ги споделат сите сознанија со нас што учествувавме, односно со сите доброволци- вели тој.

Андреевски е единствениот Македонец во Велика Британија што учествувал во клиничката студија за испитување на вакцината која е голема надеж во светот на медицината за справување со Ковид 19. Откако дознале и други наши граѓани со Британија, дека опцијата да се вакцинираат постои, повеќемина се заинтересирале, но било предоцна, квотата од 500 испитаници доброволци била веќе исполнета.

Според официјалните информации за оваа вакцина, неа ќе ја произведува британскиот фармацевтски гигант ,,Астра Зенека” и тоа во две милијарди дози за кои надежите се да се испорачаат до крајот на годината. Компанијата се откажа од профитот додека трае епидемијата, а вакцината, според најавите на директорот на ,,Астра Зенека” ќе чини колку едно еспресо.

По вакцинацијата, телото произведува протеин со кој имунолошкиот систем на вакцинираниот човек, подоцна го препознава и го напаѓа Ковид 19 кога тој се обидува да се ,,вдоми” во телото. Испитување со оваа вакцина кај мајмуните, покажало дека вакцината ги штити од пневмонија.
Вакцината на Оксфорд моментално се тестира на 10.000 доброволци во Британија, 5.000 во Бразил, 2.000 во Јужна Африка и наскоро на 30.000 лица во САД влегувајќи во последната, трета фаза по што ќе биде итно одобрена за употреба.

извор: Sloboden pecat

Total
0
Shares
Поврзани објави