Куманово бара да се постави монтажна болница за ковид-19 во дворот на Општата болница

Градоначалникот на една од најпогодените општини од почетокот на здравствената криза во земјава смета дека треба да се зголемат капацитетите пред можниот есенски бран на коронавирусот

Општина Куманово доставила предлог-локација за изградба на монтажна ковид-болница во дворот на Општата болница во градот, информира градоначалникот Максим Димитриевски.

Монтажната ковид-болница ќе го зголеми капацитетот за прием на пациенти.

„На последниот состанок на општинскиот Кризен штаб за заштита и спасување поднесовме барање до Владата и Министерството за здравство да се вклучат со заеднички сили првично да создадат услови, а потоа и да се изгради монтажна ковид-болница во Куманово, со цел да се зголеми капацитетот на регионалната кумановска болница. Во моментов гледам дека се одвиваат такви активности во Скопје и во други градови, но сè уште немаме официјален одговор од Владата. Верувам дека во следниот период ќе се изгради таков објект и кај нас во Куманово“,

изјави Димитриевски.

Општината ќе го подготви теренот, ќе обезбеди водоснабдување за објектот, а другиот дел од инвестицијата ќе го покрие државата, односно Министерството за здравство.

Total
0
Shares
Поврзани објави