Хакери ја нападнаа Европската агенција за лекови, мета биле документи поврзани со вакцините против ковид

Европската агенција за лекови (ЕМА) била мета на хакерски напад, а мета биле документите поврзани со вакцините против ковид-19.

Од ЕМА не соопштуваат детали, освен тоа дека веднаш е започната истрага.

„ЕМА беше цел на кибер-напад. Агенцијата веднаш започна целосна истрага во соработка со органите на прогонот и сите надлежни институции. Додека истрагата е во тек ЕМА не може да соопшти дополнителни детали“,

пишува во соопштението на веб-страницата на Агенцијата.

Се огласија и од компаниите „Бионтек“ и „Фајзер“, кои заеднички работеа на развивање на вакцина и поднесоа барање за одобрување до ЕМА. Во соопштението наведуваат дека биле информирани за хакерскиот напад и оти мета биле податоци кои се дел од документацијата поднесена за одобрување на вакцината.

Од компаниите нагласуваат дека нивните системи не се погодени, како и оти немаат информации дека се пристапило до лични податоци за учесниците кои биле дел од студиите за испитување на вакцината.

Одобрувањето на нивната вакцина од Европската агенција, според најавите од претходно, се очекува да се случи до крајот на годинава.

„ЕМА нè увери дека кибер-нападот нема да има никакво влијание врз временската рамка“,

пишува во заедничкото соопштение на фирмите.

Ова не е првпат податоци поврзани со вакцините да се мета на хибер-напад. Во анализа пред неколку денови „Дојче веле“ пишуваше токму за препреки со кои досега се соочуваат компаниите додека паралелно се во трката за што побрзо да се најде решение за вирусот кој стана глобална закана за човештвото.

Total
0
Shares
Поврзани објави