Филипче: Вакцинацијата на граѓани над 75 години почнува в среда, термините за закажување преку матичните лекари

Во среда ќе започне вакцинацијата на граѓаните над 75 годишна возраст, а денеска и утре вакцините на „АстраЗенека“ ќе бидат дистрибуирани по градовите ширум земјата, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека во крајна фаза се административните работи во Агенцијата за лекови во однос на дозволата и сериите на вакцината која вчера стигна во земјава.

„20.000 граѓани коишто се веќе пријавени и се на возраст над 75 години во текот на денешниот и утрешниот ден преку матичните лекари ќе добијат термини согласно местото на живеење, во кој пункт и точно во кое време од среда натаму да се јават на вакцинација. Разговараме со повеќе институции заинтересирани државни институции, постепено се генерираат и други списоци од други извори за понатаму во текот на месецот да бидеме спремни за и други категории на граѓани да се вклучат во процесот на имунизација“, изјави Филипче.

Ревакцинацијата со „АстраЗенека“ е за три месеци, додека според најавите, останатата количина од 100.000 дози на вакцини, преку Ковакс механизмот, во земјава треба да пристигнат до крајот на април. Министерот Филипче порача дека вакцината е безбедна за граѓаните.

Филипче исто така истакна дека комуницирал со српскиот министер за здравство Златибор Лончар од кого, како што посочи, чека да добие електронски податоци за граѓаните кои се вакцинирале во Србија.

Инаку, викендов, голем број македонски државјани се упатија во соседна Србија за да се вакцинираат против Ковид-19, дел преку соработката на Стопанската комора во државава со Стопанската комора на Србија, додека дел на своја иницијатива.

„Прво за да ги имаме во евиденција, а понатаму и за да ги испланираме ревакцината да ја примат тука. Ставот за вакцината Астра Зенека е една доза, а ревакцината после 3 месеци за разлика од сите други кадешто ревакцината е за 3 недели“, рече Филипче.

Истовремено, министерот за здравство посочи дека во тек е подготовка на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, каде би се одвивала масовна вакцинација на граѓаните. Според најавите, тој додаде дека овој голем пункт за имунизација треба да се заврши до крајот на неделата, а исто така и дека во текот на месец април се очекува да стигнат вакцини од повеќе места.

„Тука ќе има едно 30-тина позиции. Лекари и сестри од Здравствен дом ќе ја спроведуваат вакцинацијата, тогаш кога ќе стигнат и дополнителните количини кои ги очекуваме од Кина, а според најавите од Кинеската амбасада сега тие интензивно работат во делот на обезбедување на точниот датум на транспорт. Компанијата Фајзер конечно го потврди одговорот, се откажаа од тоа како услов за договорот да има специјален компензациски фонд и во текот на петокот како што веќе објавивме стигна потврда дека оваа недела треба да се потпишат договорите со земја членка на ЕУ како трипартитни договори и тоа е повторно со компанијата Фајзер“, рече Филипче.

Според него, април ќе биде месец кога се очекува да стигнат вакцини од повеќе места. По приоритетната група на граѓани за вакацинација, односно на тие над 75 години, ќе следи вакцинација и на останатите категории граѓани, додаде Филипче.

Инаку, досега во земјава против Ковид-19 се вакцинирани 7.005 луѓе, додека 111.347 граѓани изразиле интерес да се вакцинираат против коронавирусот. Досега процесот на вакцинацијата се одвиваше со вакцината од компанијата „Фајзер“, кои Србија ги подари на земјава, како и со вакцината „Спутник“.

Total
0
Shares
Поврзани објави