Дијагностицирањето и лекувањето на ковид пациенти во приватните болници да биде ограничено и да се движи од 40 илјади до 305.000 денари (од околу 650 до околу 5.000 евра), стои во предлогот на Главниот кризен штаб кој го поднесе до Владата, вели министерот за здравство Венко Филипче. Станува збор за предлог за измена на Законот за здравствена заштита, со која на приватните болници ќе им се ограничи висината на наплата на финансиски средства во време на кризна или вонредна состојба, конкретно за лекување на ковид пациенти. Во тек е седницата на Владата, каде на дневен ред е и Законот за здравствена заштита.

„Државата освен што има овластување да склучи договор со приватните болници преку Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), може да постави и лимит за максимален износ на едно приватно лекување од ковид-19. Регулирањето на цените е неопходно за да не се доведеме во ситуација приватните здравствени установи да останат недостапни за огромно мнозинство на граѓани во нашата земја“, објави Филипче на Фејсбук.

Министерот апелира до сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на оваа регулација, со која цените за третман на пациенти во приватните болници ќе бидат финансиски издржливи за сите граѓани.