Mинистерот за здравство, Венко Филипче вели дека мерките на Комисијата за заразни болести против пандемијата на коронавирусот даваат резултати затоа што бројката на хоспитализации се стабилизира и се надева дека позитивниот тренд ќе продолжи.

Филипче,  утрово по состанок со директорите на ковид-центрите од клиниките во комплексот „Мајка Тереза“, рече дека на состанокот било заклучено дека изминатата недела е достигнато платото по бројот на хоспитализирани пациенти и веќе имаме благ пад на бројот на хоспитализирани на дневно ниво.

„Очекуваме во наредниот период да има повеќе испишани отколку примени пациенти. На инфективните оддели има сѐ повеќе слободни места. Секако, ја следиме состојбата од ден на ден и подготвени сме за секое сценарио. Доколку овие прогнози не се остварат, имаме на располагање и нови оддели и дополнителни болнички капацитети кои се спремни да се отворат“, вели  Филипче.

Според него, има слободни места со довод на гас, а во наредните неколку дена ќе завршат градежните работи кои ќе овозможат да се отворат нови соби со довод на кислород.