Министерот за здравство Венко Филипче најави дека преку Кинеската амбасада во земјава разговарале за набавка на кинески вакцини против ковид-19 од производителите „Синовак“ и „Синофарм“. Државава сѐ уште ги чека најавените вакцини од Србија , нарачаната доза со директни преговори од „Фајзер“, но и планираната пратка преку Ковакс-механизмот.

Кина на 31 декември ја одобри нивната прва вакцина против коронавирус, која ја разви државната фармацевтска компанија „Синофарм“. Одобрувањето следи ден откако „Синофарм“ објави дека нивната вакцина покажува 79.3 % ефикасност во прелиминарниот стадиум од последната фаза на тестирање. Вакцината на „Синофарм“ се дава во две дози и за разлика од вакцината на „Фајзер“ која треба да се чува на температура од – 70 Целзиусови степени, кинеската може да се чува во обичен фрижидер.

„Чекаме детали во однос на договорот, цената и испораката и верувам дека до крајот на оваа недела сите овие детали ќе ги имаме. Сега не би сакал да зборувам за рокови, меѓутоа, суштината е во тоа што очигледно е дека производителите кои први успеаја да излезат на пазарот, а тоа е ‘Фајзер’, на пример, имаат проблем со капацитетот. Повеќе европски земји најавуваат и тужби поради неисполнување на договорите, Хрватска го прекинува процесот на имунизација и тоа е нешто што нѐ тера да работиме буквално на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизација, секако, со сите овие безбедни вакцини“, вели Филипче.

Филипче во синоќешното интервју за емисијата „360 степени“ кажа дека не би требало да претставува тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови.

Вакцината на кинеската компанија „Синофарм“ веќе почна да се дава во Србија и во Унгарија.

Во Србија од 18 јануари почна вакцинацијата против ковид-19 со кинеската вакцина. Во септември, директорот на кинеската компанија „Кинеска национална биотек група#(ЦНБГ) изјави за агенцијата „Ројтерс“ дека Србија и Пакистан се согласиле да учествуваат во третата фаза на тестирањето на нивната вакцина. Во Србија ќе се тестираат две вакцини развиени во единиците на ЦНБГ во Вухан и Пекинг.

Италија најави дека ќе преземе правни мерки и ќе го зголеми притисокот во ЕУ против „Фајзер“ и „АстраЗенека“ поради доцнењата на испораките со вакцини против ковид-19, кажа италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо.

„Фајзер“ минатата недела соопшти дека привремено ќе ги забави испораките за Европа, додека не го зголеми производството. Во петокот, „АстраЗенека“ соопшти дека првичните испораки за Европа ќе бидат намалени, поради проблем со производството.