Едно и пол месечно бебе хоспитализирано во ковид-центарот за деца

Новите соеви на Ковид-19 се почесто ги напаѓаат и децата. Ако досега тие беа третирани од пост-ковид компликации, откако вирусот го прележале со лесни или без симптоми, последниот период ситуацијата е драматично сменета. Директорката на Клиника за детски болести, Аспазија Софијанова за ДВ вели дека се поголем е бројот на заразени деца, кои појавуваат исти симптоми како и возрасните. 
„Претпоставуваме дека станува збор за новиот сој којшто ги напаѓа децата и предизвикува многу потешка клиничка слика кај нив. Во моментов кај нас се хоспитализирани 21 дете, со нивните мајки“, вели Софијанова, кога изутринава се подготвуваше за визита на заболените деца. Најмалото има само еден и пол месец. Позитивна е и неговата мајка. 

Ковид-центар за деца

Децата најчесто се жалат на омалаксаност, висока температура, немање никаква желба за храна и ред други симптоми, кои доведуваат до сериозна состојба, поради што е неопходна нивна хоспитализација. Од пред два дена, Клиниката за детски болести стана ковид-центар за деца, откако се увиде дека новите соеви на вирусот се почесто удираат на детското здравје.  На клиниката остануваат само децата со посериозна клиничка слика, додека останатите се праќаат на домашно лекување. 

Неодамнешните анализи на Инстутот за јавно здравје покажаа дека 2.398 деца до деветгодишна возраст и 5.272 млади лица на возраст од 10 до 19 години заболеле од Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Вирусот бил детектиран и кај 412 бремени жени, од кои 58 биле хоспитализирани во текот на болеста. Досега се регистрирани 3 смртни случаи кај бремени жени. Од вкупниот број на регистрирани бремени жени, 119 биле асимптоматски случаи.

Во однос на симптомите, тие најчесто се жалеле на температура (68,8%), кашлица (40,8%), малаксаност (40,1%), ослабен осет за мирис и/или вкус (27,0%), главоболка (21,9%), мускулна болка (18,1%), болка во грло (14,1%) и отежнато дишење (9,8%).
Најновите искуства на здравствените работници покажуваат дека вирусот може да предизвика сериозни оштетувања на одредени органи кај најмладите. Директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, д-р Аспазија Софијанова за ДВ неодамна изјави дека само за два месеца со соочиле со пост-ковид компликации кај 42 деца коишто го прележале вирусот.

Симптоми

Вирусот најчесто удира на стомакот, бубрезите, мозокот и срцето кај децата. Предизвикува нарушувања и проблеми при функционирањето на бубрезите и срцето. Изминатиов период имало десетина деца кај кои се појавиле проблеми со слепото црево, па голем дел од нив морале да бидат оперирани. Последиците од вирусот коишто го разоруваат детското тело, според лекарите, се причина повеќе да се посвети посебно внимание на децата заразени со Ковид-19. Во С. Македонија имало посериозни случаи со компликации предивикани од короноавирусот, но за среќа нема случаи со смртен исход. 

Многу симптоми на Ковид-19 се слични со симптомите на грип, настинка и други состојби, па затоа е потребен тест за да се потврди дали некој има коронавиус. Симптомите може да се појават 2 до 14 дена по изложеноста на вирусот и може да варираат од многу лесна до тешка болест. Некои кои се заразени или биле заразени немаат никакви симптоми. Најчести симптоми се температура, кашлица и замор. Други симптоми може да вклучат губење здив, болка или притисок во градите, болки во мускулите или телото, главоболка, губење осет за вкус или мирис, конфузија, воспаление на грлото, затнатост или течење на носот, дијареја, гадење и повраќање, болки во стомакот и осип на кожата. Покрај овие симптоми, доенчињата може да имаат тешкотии со цицањето. Децата на секоја возраст може да се разболат од Ковид-19.

извор: dw.com.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави