Инфо - Вест

Обвинителот Јовески прашува : “Кој ќе го врши надзорот над работата на СЈО”


Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески во дел од интервјуто за ахенцијата МИА зборува околу работата на СЈО и поставеноста на ова обвинителство наспроти редовното и обвинителството за организиран криминал.
Обвинителот Јовески вели дека СЈО поставило нови стандарди на транспарентност но сепак поставува дилеми за понатамошната негова надлежност и контрола.

“СЈО наметна и поинаков начин на работење, како што е транспарентноста во работењето и покрај тоа што со одредени постапки не се согласувам. Моја заложба е СЈО во делот на кривичните дела за кое е основано да ја задржи досегашната самостојност за тие кривични дела, а со оглед дека му се додава нова надлежност за кривични дела од областа на корупцијата од избрани и именувани лица и потешки кривични дела, за таа надлежност да важат општите правила како и за другите обвинителства. Се разбира дека за определени постапки треба да се определи негова самостојност, но особено сметам дека е суштествено да се одлучи кој ќе го врши надзорот над работата на ова обвинителство”, вели во интервјуто за МИА јавниот обвинител на РМ, Љубомир Јовески.