Локумна

МОНСТРУМ


Случајот Монструм никогаш не сакав да го нарекувам баш како Монструм. Додека го следев во судница и надвор секогаш велев Смилковци. Не знам зошто, но тој збор има своја тежина која токму деновиве се изгуби по објавување на одлуката на Врховниот суд да го врати предметот на повторно судење од почеток.
Но она што ме шокира и остави без здив беа коментарите и објавите на социјалните мрежи во кои се зборува за некакви си 70 000 евра. Наши МАКЕДОНЦИ зборуваат дека наводно родителите на ликвидираните деца зеле по 70 000 евра отштета од државата и затоа сега плукаат по Заев. Кога ова го прочитав навистина не ми беше јасно дали е некоја несолена шега од лажни профили на ФБ или навистина некој се дрзнал ова да го говори. Проверив детално, ДА , го говори наш човек и тоа полицаец, па му се налепуваат одушевени душегрижници кои многу се интересираат за туѓите џебови и зборат ли зборат за душата и ја мерат болката на родителите. Ги читам и не ми се верува, но овие писанија ги снимив за секој случај, оти лесно можат да се скријат ако некој ги посочи со прст, што е потврда на една македонска национална карактеристика п…..а под кошула. А уште и коментар дека некои од изгорените родители биле унапредени на работните места, врв на простотијата на една пореметена психа.
АМАН !!!!!
Не е убаво да се зборува кој кого познава, но овој пат не може да се сокрие. Лично ги познавам сите .
Службено, прва ја објавив пораката од Заев која тие ја спомнуваат и неговото ветување за расчистување на случајот која и ден денес ја чувам.
Приватно ….една од најтешките задачи кои не се само задачи, туку се едно чувство и сочувство со луѓе кои ги закопале децата два метри под земја.
Овие луѓе имаат три свети места. ГРОБИШТАТА , ДОМОТ И МЕСТОТО НА ЕГЗЕКУЦИЈАТА НА НИВНИТЕ ДЕЦА. Сите оние кои се загрижија за нивните 70 000 евра нека навратат во било кое време на овие места. Секаде ќе најдат по некој од нив, но нема да најдат насмеани богаташи со 70 000 евра. Семејствата ја облекоа црнината, а татковците и мајките не знам кога и дали воопшто ќе ја соблечат.
А оние кое се многу јаки на вилица по социјалниве мрежи , им препорачувам да ги облечат за кратко нивните чевли и да поодат малце во нив. Дали ќе можат да го издржат тоа. Срам и арам е за овие луѓе да се зборува дали и колку пари добиле. Нивните деца беа ликвидирани, егзекутирани со куршуми во тилот и во срцата и не барајте било какво образложение зошто и не вадете приказни од рекла казала или мотивирани од ниско морални одмазди. Родителите се оние кои најмногу ја бараат вистината, но не и оние кои политички се пазарат на гробивите на своите деца.
Едвај чекам да почне повторениот судски процес, но со извршена екстрадиција од Косово на оние двајцата кои нит ги видовме нит чувме. Кога ќе влезат во судницата верувајте на многу обвинети во очите им се гледа вистината или бруталноста, па и невиноста. Доста беа Бондстил трт мрт, бев таму, шо да казам добар шопинг центар и американски школски автобуси како на филмовите.
Чекам да влезам судницата ама чекам и да биде откриен нарачателот на петкратното убиство кај Смилковско Езеро оти во нарачателот лежи и вистинскиот мотив на егзекуцијата.

1 Коментар on МОНСТРУМ

  1. Pingback: ДоказМ.мк – МОНСТРУМ

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *