Инфо - Вест

Последен ден за барање Амнестија


Денеска истекува рокот за поднесување барања за амнестија за настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Заклучно со вчерашниот ден до Кривичниот суд во Скопје пристигнати се вкупно 38 барања. По истекот на овој рок, Судот и Обвинителството ќе имаат рок од пет дена да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.

Меѓу оние кои досега поднеле барање, според пишувањата на дел од медиумите, се пратениците Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, како и Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Горан Ангелов – Ќосето, Иван Цветановски, Горан Ѓошевски Леви и Митко Пешов, браќата Михаил и Стефан Младеновски, Абдулфета Алими и Захарие Симовски. Барања за амнестија поднеле, како што пишуваат дел од медиумите и режисерот Борис Дамовски, еден од тројцата водачи на протестите „За заедничка Македонија“ и оперскиот пејач Игор Дурловски.

Јане Ченто и Игор Југ, кои се меѓу 33-та обвинети за настаните од 27 април, на последното рочиште веќе се изјаснија дека нема да бараат милост, туку правда.

Барање за амнестија може да поднесат и веќе осудените за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, како и за нападот на министерката Радмила Шеќеринска. Адвокатите на Панче Ангелов, кој е осуден на четири години затвор за делото „насилство“, врз Шекеринска при упадот во Собранието на 27 април, и на Никола Војминовски осуден на 13 и пол години затвор за обид за убиство врз Зијадин Села, потврдија дека поднеле барање за амнестија.

Обвинетите можат да ги доставуваат барањата до Судот лично и по пошта.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во врска со Законот за амнестија, на предновогодишниот брифинг со новинарите оцени дека колку и да е политички непопуларен, сепак, е добро решение како да се создаде амбиент за подобра комуникација помеѓу пратениците во еден важен момент за земјата кога треба да се носат важни одлуки, без притоа да се промовира принципот на неказнивост.

– Овој проект ниту ги амнестира насилниците, ниту организаторите, туку создава можност тие кои биле заведени, кои биле колатерална штета на една погрешна кауза, да може да се создаде тој простор за побрза координација во пресрет на важни предизвици. Ова решение не е измислено во Македонија, туку е преземено од најдобрите пракси во светот, притоа внимавајќи да не се промовира принципот на неказнивост. Собранието не е тоа кое ќе посочува кој е виновен, а кој не, туку судот – рече Османи.