Инфо - Вест

Кавадарчанец избодел жена со нож, ја киднапирал , па ја фрлил на улица


По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Велес до Основниот суд Велес поднесе Обвинителен акт против 37-годишен жител на Кавадарци за сторено кривично дело – Убиство од чл.123 ст.1 во врска со чл.19 (во обид) и кривично дело – Противправно лишување од слобода од чл.140 ст.1 од Кривичниот законик.

На обвинетиот му се става на товар дека на 06.06.2018 година најпрвин по телефон ја повикал оштетената да му се придружи на патувањето за Прилеп. Таа прифатила и обвинетиот ангажирал такси-возило, но со него наместо кон Прилеп се упатиле во правец на с. Бегниште.

Кога дошле до крајот на селото, тој и рекол на оштетената да излезат од возилото и продолжиле да се движат пеш по блиските ниви. Во еден момент, обвинетиот извадил нож и со него ја прободел оштетената во стомакот од десната страна под градниот кош, нанесувајќи и со тоа тешка телесна повреда со конкретна опасност по животот.

Потоа си заминал оставајќи ја оштетената сама.

По неколку часа се вратил и со помош на лице – сведок во постапката ја однел во неговата куќа и таму ја оставил, иако оштетената имала болки и крварења и го молела да ја однесе на лекар. Со ваквите дејствија тој противправно и ја ограничил слободата на движење.

Пак се вратил и утредента, на 07.06.2018 година, на инсистирање и молба од оштетената со такси ја однел до с.Сопот, во близина на куќата на нејзините баба и дедо, ја исфрлил од такси возилото во бесвесна состојба и таму ја оставил.

Истовремено со Обвинителниот акт доставен е Предлог за продолжување на мерката притвор спрема обвинетиот, бидејќи се уште постојат основите поради кои истиот е определен. Имено, обвинетиот е пријател на оштетената и кривичното дело го сторил искористувајќи ја нејзината доверба и пријателство, што претставува околност која го оправдува стравот дека тој би можел да го повтори кривичното дело.

Исто така, по извршувањето на кривичното дело, обвинетиот се криел во повеќе градови низ Македонија, честопати го менувал своето престојувалиште, што упатува на можност тој да се даде во бегство доколку биде на слобода.

Во рамките на истражната постапка, обвинителството ја испитуваше евентуалната кривична одговорност и на други инволвирани лица, но до овој момент не се пронајдени докази кои упатуваат во таа насока.

соопштение ЈО

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *