Судови

Обезбедувањето на Чавков го демантираше Нинџа: Чавков не бил во седиштето на ВМРО ДПМНЕ, туку во соседната зграда


Никола Димитриевски, вработен во МВР, кој бил обезбедување на Митко Чавков додека тој ја извршуваше функцијата директор на Бирото за јавна безбедност, со својот исказ денеска на судењето на 27 април го негираше претходно дадениот исказ на обвинетиот Александар Василевски Нинџа, кој на последното рочиште рече дека го видел Чавков во седиштето на ВМРО ДПМНЕ додека траел упадот во Собрание.

Димитриевски рече дека целиот ден бил со Чавков, а во клучниот период помеѓу 18.00 и 20.00 часот рече дека не бил во Белата палата, туку бил во соседната зграда на Технометал Вардар, каде Чавков имал своја канцеларија.

-Околу 18.00 часот ги оставив документите и Чавков во оваа канцеларија и искочив надвор пред канцеларијата да го чекам. Се до 19.00 часот немаше галама, во канцелариите околу немаше никој. Околу 19.00 часот почнав да слушам разговори по телефон од директорот во канцеларијата, вратата беше обична, не беше блиндирана, и се се слушаше. Тој даваше команди по телефон, разговараше со началници. Кога зборуваше со Влатко Наумовски, помошник командант на единицата за брзо распоредување, зборуваше на повисок тон и му даваше команди. Исто и кога разговараше со Митко Пешев, началникот на одделението за специјални полициски единици, како и со Горан началникот на ЦПС. Цело време не прекинуваше да зборува – рече тогашниот телохранител на Чавков.

Тој дополни дека наредбите што Чавков ги давал биле поврзани со настаните што се случија во Собранието тој ден на 27 април. Потоа Чавков, како што рече Димитриевски, побарал од обезбедувањето да го однесе во оперативниот штаб на МВР. Тука неговото сведочење се поклопува со сведочењето на тогашниот министер Агим Нухиу, кој на претходните рочишта во овој предмет рече дека прв пат го видел Чавков после 20.00 часот во МВР.

-Со колегите стоевме пред штабот на МВР, прозорите беа отворени и речиси се се слушаше. Откако влезе директорот внатре, одма почна да дава наредби и да командува. Тука беа сите функционери на МВР, беше и министерот Нухиу, 99% од наредбите ги даваше Чавков – рече Димитриевски.

Тој посочи дека подоцна денот Чавков сепак бил однесен во седиштето на ВМРО ДПМНЕ, но дека тоа било некаде после 23.00 часот. Таму бил однесен за да се види со Тодоров.

-Колите ги паркиравме во подземната гаража на Тодор Александров. Јас се качив на приземје, а директорот замина на состанок, како што рече. Кога заврши средбата го однесовме во неговиот дом. Така заврши работниот ден – додаде тој.

фокус.мк