Инфо - Вест

Општина Тетово ќе урива бунгалови на Шара оти странскиот инвеститор ги изградил од камен


Општина Тетово треба да урива туристички бунгалови изградени во селото Шипковица од странски инвеститор, бидејќи не се изградени од лесен материјал, како што е назначено во дозволата, туку биле изградени од камен и малтер, јави „Порталб“.

Ваквата одлука ја донела Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, неприфаќајќи ја жалбата на Хрватот Томислав Тишка, кој ги изградил бунгаловите во Шипковица и на Јелак.

Сега Општина Тетово е обврзана да ги урне, а од таму појаснуваат дека одлуката на државната второстепена комисија стасала во општинскиот инспекторат и тие ќе мора да се урнат, но не прецизираат кога тоа ќе се случи.

Дозволата за градење била издадена од Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, но потоа била поништена, откако некои жители реагирале и поднеле жалби во Општина Тетово за уривање на бунгаловите.

– Одлуката за градба беше донесена од претпријатието и затоа ја предадовме сета документација на Општина Тетово, која треба да ги урне градбите – вели директорот на ЈП Пасишта, Љуљзим Фејзулаху.

Инвеститорот Томислав Тишка појаснува дека не извадил дозвола од општината бидејќи веќе имал дозвола од ЈП Пасишта.

– Имаме важечка одлука од Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, а земјиштето припаѓа на Република Македонија и со него управува претпријатието. Ние немаме проблем со жителите на Шипковица, туку само со некои поединци – вели тој за „Порталб“.

мета.мк