Регион

Во аферата бугарски пасоши вмешани и актуелни функционери


Вицепремиерот Красимир Каракачанов, поранешната министерка за правда Екатерина Захариева (сега министер за надворешни работи) и европратеникот Андреј Ковачев (од партијата ГЕРБ) се луѓето на највисоките позиции во соседна Бугарија кои се обвинети за измама, што им овозможи на илјадници странци да купат бугарски пасоши, со кои се нуди безвизно патување низ ЕУ , пренесуваат бугарските меиуми.

Државната агенција за Бугарите во странство стана огромен скандал поради откривањето дека издавала лажни сертификати за бугарско потекло, документ врз основа на кој може да се издадат бугарски документи за државјанство и лични документи.

Коруптивниот скандал со пасошите е во состојба да ја собори владата на Бојко Борисов. Шефот на агенцијата, Питер Харалампиев, беше уапсен под обвинение дека е дел од организирана криминална група. Харалампиев беше назначен по препорака на ВМРО, партијата на Каракачанов.

Во развојот на истрагата на агенцијата, околу 285 000 евра во кеш беа најдени во сеф, кој припаѓа на Красимир Томов, главен секретар на оваа институција. Томов е во притвор, заедно со Харалампиев и уште двајца вработени осомничени за вмешаност во организирана криминална група. Во понеделникот (26-ти ноември) Борисов неочекувано објави дека Агенцијата, која е алатка за издавање на пасошите, ќе биде затворена. Борисов тврди дека постојат и други институции, како што е Министерството за правда и внатрешни работи, кои ја вршеле оваа задача. Подоцна истиот ден Каракачанов излезе со сопствен предлог – наместо Агенција за Бугарите во странство, да се формира министерство.

Парламентарното мнозинство во парламентот на Бојко Борисов зависи од коалицијата со Обединетите патриоти: “Напад” на Волен Сидеров, “Националниот фронт за спас на Бугарија” (НФСБ) на Валери Симеонов и ВМРО – политичка партија, која тврди дека е наследник на историската внатрешна македонска револуционерна организација. ВМРО ја предводи Красимир Каракачанов. Кога владата е формирана во мај 2017 година, Симеонов и Каракачанов се назначени за вицепремиери, а Сидеров станува лидер на групата на “Обединети патриоти” во Народното собрание. На 16 ноември Валери Симеонов поднесе оставка како заменик премиер, по недели улични протести од страна на мајки на деца со посебни потреби, кои тој ги навреди, и кои побараа тој да ја напушти функцијата.

Каракачанов како што објавија дел од бугарските медиуми добивал од 550 до 1500 евра за секој македонски државјанин кој добил бугарски пасош за оваа измама. Бројот на кандидати дневно бил помеѓу 150-200.

faktor.mk