КРИМИ БИБЛИОТЕКА

Груевски пред бегството купувал пижами и патики за во затвор ?


Најавата на шефицата на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска дека во предистражната постапка за бегството на Никола Груевски ќе истражува дали има пропуст и одговорност во врвот на МВР (кај министерот Оливер Спасовски и директорите на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање), дополнително ги затвори за информации овие институции, е почетокот на анализата на DW.com .

Оттаму велат дека заради предистражната постапка со која и тие се опфатени, нема да споделуваат информации во јавноста: ниту од интерна истрага за евентуални пропусти и незаконитости во рамки на МВР, ниту други сознанија. Според Рускоска, одговорноста ќе се истражува и во СЈО по прашањето зошто не побарале мерки за Груевски по изрекувањето на пресудата, но и кај судијата за извршување санкции од Основниот суд Скопје 1. Обвинителството нема да излегува со информации додека не дојде до конкретни докази каде е пропустот.

Користел четири стана?

Во состојба на целосен институционален молк за околностите под кои избега поранешниот премиер, нашето истражување почна од првата адреса – станбениот комплекс каде живее Груевски, а се наоѓа спроти партиското седиште на СДСМ и во близина на зградата на МВР. Станарите беа воздржани за разговор околу нивниот најпознат сосед. Но, сепак прифатија да споделат неколку сознанија. Сметаат дека тешко ќе се откријат детали за движењето на нивниот сосед, бидејќи камерата поставена за време на неговиот премиерски мандат, според нивни неодамнешни сознанија, не работела повеќе од една година. Објаснуваат дека на ист кат Груевски поседува два стана со посебни влезови, но препоставуваат дека се внатрешно поврзани. Сметаат дека едниот стан имал исклучиво приватно-семеен карактер, а вториот најверојатно го користел за службени средби, бидејќи секогаш кога доаѓале негови сопартијци тие се упатувале исклучиво кон другата врата. Но, открија и уште еден, досега непознат податок: дека го гледале Груевски како повремено влегува во уште два стана во истата зграда. По проверката на броевите на становите што тие ги посочија, утврдивме дека двата се водат на име на фирма. Не успеавме да стапиме во контакт со овластено лице од фирмата, за да добиеме одговор дали Груевски ги изнајмил на користење тие станови, односно, дали фирмата е само параван за вистинскиот сопственик.

Обезбедувањето не се посомневало

Неговите телохранители, кои според досега недемантирани информации последен пат го придружувале Груевски на пат до домот во четврток навечер (8 ноември) околу 23 часот, практично биле последните кои имале контакт со него. Дали тие знаеле за планот на нивниот штитеник и дали биле дел од логистиката? Нивен колега, кој се согласи анонимно да зборува, вели дека воопшто не верува во такво сценарио.
„Тие сигурно не биле вмешани. Беа уверени дека Груевски ќе оди на издржување на затворска казна, врз основа на повеќе околности. Наводно, тој ги распрашувал дали имаат увид во кој затвор во Македонија има најдобри услови да ја издржува казната, па му посочиле дека тоа е затворот во Штип. Наводно, им нарачувал да му купат нови тренерки, патики, пижами и уште некои други работи кои би му биле потребни во затворот, со што го зацврстил впечатокот дека се подготвува за издржување на казната и за ништо друго“, раскажува нивен колега.
Не верува дека таа слика би можела да биде плод на заеднички договорено сценарио меѓу нив и Груевски, бидејќи во случај на бегство јасно е токму неговите телохранители ќе бидат први под истрага.

Последната средба со сопартијци

Ако тие биле последните кои го виделе Груевски, кои биле претпоследните? Од која локација Груевски се упатил кон неговиот дом? Додека надлежните молчат, првите сознанија доаѓаат од случајни сведоци. Кон таков сведок не одведе едно друго прашање – во чие друштво бил Мијалков пред приведувањето во скопскиот хотел „Мериот“. Одговор на тоа прашање на добивме од хотелскиот персонал, но лице ангажирано на надворешно обезбедување на еден од многуте деловни објекти во непосредно соседство на „Мериот“, тврди дека вечерта на 8 ноември, Груевски излегол токму од тој од хотел разделувајќи се со две лица.
„Не знам кога дошле, ни колку време седеле. Јас ги видов на заминување. Беше помеѓу 22 и 23 часот. Едниот беше Миле Јанакиески, а другото лице не ми беше познато. По неколку дена, кога на вести кажаа дека е одреден притвор за Миле Јанакиески и Кирил Божиновски и прикажаа снимка од двајцата, препознав дека вториот е тој Божиновски“, тврди очевидец.

Ноќта пред бегството Груевски ја минал во хотелот Мериот, тврдат извори на ДВ

Тој сведочи и дека вечерта, непосредно пред приведувањето на Мијалков, во хотелот навистина стигнало возило со унгарски дипломатски таблички (како што шпекулираа медиуми), и дека истото со голема брзина заминало оттаму веднаш по приведувањето на Мијалков. Според гласините што ги чул од вработени во хотелот, станувало збор за унгарски гости дојдени од амбасадата во Белград.

Во одлични односи со Мијалков

Хотелот „Мериот“ засега ги поврзува последните вечери на двајцата братучеди – едниот пред да исчезне, другиот пред да биде притворен. Какви биле нивните односи: дали навистани биле нарушени или тоа е наменски спакувана приказна? Одговор на ова прашање дава партиски член кој денес не е дел од раководните структури на партијата, но се смета за близок на поранешниот лидер. Вели дека го почитува Груевски, бидејќи му помогнал кога му било најтешко. Со Груевски ги продолжил контактите и тогаш кога многумина кои претходно се колнеле во него, му завртеле грб, особено откако се збогувал со лидерската позиција. Имале честа комуникација, но Груевски со ниту еден гест не навестил дека планира да замине од Македонија.
„Неговото движење во последниве месеци беше идентично: суд – Собрание – канцеларијата во „Палома Бјанка“ – дома – кај неговата мајка, и многу интензивно кај неговиот татко. Воопшто не е точно дека со Сашо Мијалков имале нарушени односи. Напротив! Додека сме седеле заедно, во рок од еден час, на пример, се случувало и по неколку пати телефонски да се слушнат. Се гледаа секојдневно. Ниту со врвот на партијата немаше никакви нарушени односи. Мислам дека неговата мајка се уште користи партиско возило и возач за нејзини потреби, што укажува дека постои почит кон неговото семејство“, објаснува нашиот соговорник.
Со оглед дека никој немал впечаток дека Груевски планира бегство, единствената индиција за тоа можеби било извесувањето кое банките по службена должност го препраќаат до Управата за финансиско разузнавање (УФР), кога некој клиент ќе подигне поголема сум пари. Тоа Груевски го направил на 6-ти и 7-ми септември, кога само во два дена од негови сметки подигнал над 100.000 евра. Нема јавно потврдени податоци кога целосно ги испразнил сите 35 банкарски сметки во шест деловни банки. Според податоците што неодамна ги објави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Груевски на 20 денарски сметки имал речиси 10 милиони денари, а на 14 девизни сметки поседувал над 42.000 евра.
По тој „ран сигнал“ што го добила УФР, истрагата треба да открие дали и до кои институции била проследена ваквата информација. А токму „во интерес на истрагата“, засега нема одговор на ова прашање.

анализа на DW.com

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *