Судови

Ченто останува во притвор


Тричлениот кривичен совет на скопска Апелација ја одби жалбата на обвинетиот за собраниските насилства, Јане Ченто, да му биде укинат притворот.

Во Апелациониот суд во Скопје пред два дена се одржа јавна седница за продолжувањето на притворот на обвинетиот Јане Ченто. На седницата не дојде обвинител од Вишото јавно обвинителство да објасни на кои околности се согласил со продолжување на притворот, па беа прочитани неговите аргументи.

Ченто пред судиите Јани Нича, Цветанка Периќ и Сафет Кадрии рече дека го држат во притвор со „копи-пејст“ решенија и дека постојано го препишуваат само аргументот дека притвор се бара поради сериозноста на кривичното дело.

Обвинетиот рече дека му дале копирано решение од други обвинети и дека судот не води сметка за фактите и доказите, а на судијата Нича му предочи да го почитува она што самиот го напишал во прирачник за притворот како последна мерка со која ќе се обезбеди присуство на обвинетиот.

Ченто е еден од 33 обвинети за настаните од крвавиот четврток за загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Тој е претседател на патриотското здружение „Пере Тошев“ од Прилеп.