Инфо - Вест

Вработени во градинка казнети оти затвориле девојче во шкаф


Воспитувачка и две негувателки градинка во Ново Лисиче, кои минатиот месец беа обвинети од мајка дека нејзиното тригодишно девојче било малтретирано и плашено дека ќе биде затворано во шкаф, се казнети со парична казна, пренесува порталот деца.мк
Директорката на градинката, Елена Устамитова, ни испрати соопштение во кое се вели:
„По спроведување на дисциплинската постапка (земање изјави од обвинетите, увид во изјавите дадени од родителите на другите деца од групата, нормите утврдени во Протоколот за постапување во случај на настанат инцидент во градинката и член 148 од Законот за заштита на децата) констатирано е дека именуваните сториле повреда според Законот за заштита на деца и член 4 од Протоколот на градинката, за што им е изречена дисциплинска мерка – парична казна.

Во соопштението стои дека на 27 септември е поднесена изјава од Маја Георгиева-Павловска, родител на дете кое е згрижено во ЈУДГ „Буба мара“, дека претходниот ден нејзиното дете е „вратено расплакано, било удрено по глава, а во континуитет било психички малтретирано“ од страна на воспитувачот и две негувателки одговорни за таа група.
Директорката информира дека имала разговор со родителот, одговорните работници и други вработени, а на 10 и 12 октомври е извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Инспекторите укажале што треба да преземе градинката.
– Постапувајќи по укажувањата, свикавме вонреден родителски состанок за таа група, се формира дисциплинска комисија која ја испита целата ситуација, свикавме совет на негуватели и воспитувачи за повторно на сите даватели на услуга да им се укаже за работните обврски и на кодексот на однесување. Од страна на родителите од таа група беше изнесено дека никој нема забелешка на воспитното и згрижувачкото работење на посочените вработени и само иницијативно секој поединечно даде изјава за работењето во групата – вели директорката.
На 1 ноември, пишува во соопштението, е извршен повторен надзор од страна на инспекцијата од МТСП, која констатирала дека е постапено по укажувањата, за што е донесен и заклучок дека постапката се запира.

целиот текст на порталот деца.мк