Судови

Детали како се откриени “бомбите на СДСМ “, Груевски и Мијалков слушани преку други , но и Верушевски барал да бидат прислушкувани


Денеска со часови во Кривичниот суд Ѓорѓи Лазаревски еден од двајцата кои ги обезбедија бомбите на СДСМ и го открија системот на прислушкување во УБК објаснуваше како со години тајно следеле и собирале материјал против сега обвинетите Јанкуловска и Мијалков дел од обвинетите во случајот Таргет – Тврдина.

Кога дознал дека се врши нелегално прислушување, Ѓорѓи Лазаревски се поврзал со системот за прислушување со мрежен кабел оти само еден параван го делел од системот. За пет минути ги ископирал логовите. Односно како што појасни, имал на увид дека имињата на операторите кои прислушувале се поклопувале со иницијалите на високи функционери во УБК како Г.Г. Н.Б. и оператор директор.

-Овие оператори беа концентрирани кон таргети за кои јас сметав дека нелегално се прислушуваат, а останатите оператори ги слушаа оние кои беа легални. Имаше броеви на јавни личности, политичари од опозицијата и запомтив дека има број на министер за кој потоа дознав дека тоа е Миле Јанакиески. Со тие сознанија размислував што да правам. Со тоа живеев две години, без да превземам нешто бидејќи знаев дека и јавно да излезам нема да можам да докажам, рече Лазаревски.

Тој додаде дека потоа во функција бил ставен новиот систем за прислушување.

-Во еден случаен разговор со колега како анегдота ми раскажа прислушуван разговор на министрите Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески. Разговарале за некаков објект во Битола и Ставрески бил изнервиран од тогашниот премиер Никола Груевски и изговорил дека човекот е за во Демир Хисар, алудирајќи на лудило, рече Лазаревски.

Потоа кажа дека му пристапил на колегата Звонко Костовски и отворено го прашал дали се прислушуваат актуелни министри.

-Реакцијата на Звонко беше дека нема кој не се прислушува. И Звонко и јас сметавме дека треба нешто да се стори за да се спречи злоупотребата на системот за прислушување кој треба да служи за безбедност. Клучен момент беше кога со полиција се направи упад во “А1” телевизија, со што беше јасно дека власта веќе е без контрола.

Додека Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски прибирале докази за нелегалното масовно прислушување во УБК, а потоа истите му ги предавале на Зоран Верушевски, добиле и еден предлог од Верушевски, односно им побарал да ги прислушуваат тогашниот премиер Никола Груевски и директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Ова Лазаревски го откри по прашањето на обвинителот Трајче Пеливанов дали добиле налог и тие некого да маркираат, односно прислушуваат.

-Еднаш Верушевски побара да ги маркираме броевите на Груевски и на Мијалков, но ние тоа го сфативме како шега. На крај памет не ни паѓаше да го направиме тоа. Не сакавме да сториме криминал, зошто против тоа се боревме. Исто така секое маркирање остава трага кај мобилните оператори, одговори Лазров, кој со часови дава исказ на судењето “Таргет и Тврдина” во Кривичниот суд.

Пред да замине од МВР добил закана од Горан Грујовски дека ќе биде обвинет во Шпион ако не го напушти МВР.

– Со оглед дека во ова бев инволвиран веќе 3 години не сакав да ризикувам, се советував и со Верушевски. Знаев дека заканата е блеф но сепак со тешко срце го напуштив МВР. Звонко Костовски веднаш по моето напуштање беше службено испратен да се види со мене околу моето работење и во тој момент ми остави уште едно ЦД, вели Лазаревски.

Последната достава на прислушуваните разговори била направена во кафуле под зградата кај што живее Лазаревски, на усб стик една недела по неговото заминување од МВР.